
Познатиот зоонегувател Војо Иванов јавно му се обрати на новоизбраниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку отворено писмо објавено на социјалните мрежи. Во него, Иванов апелира до градоначалникот да ја посети скопската Зоолошка градина и да се запознае со состојбата во која се наоѓа институцијата, која, како што наведува, е во „многу тешка состојба“.
Иванов го покани Ѓорѓиевски да ги посети вработените зоонегуватели и лично да се запознае со нивната работа, потсетувајќи дека Зоолошката градина е веднаш до зградата на Град Скопје.
„Следната година треба заедно да славиме 100 години постоење. Не сум сигурен со сегашнава состојба дали има нешто за славење. Ние управуваме со институција во која енергијата секојдневно се одразува врз животните и посетителите,“ напиша Иванов.
Тој ја нагласи важноста на улогата на зоонегувателите, кои секојдневно се грижат за животните и се обидуваат да ја едуцираат јавноста за љубовта кон природата, истакнувајќи дека „директорите треба да бидат сенка и ветер во грб“ на нивната работа.
Во писмото, Иванов јавно предложи поранешниот директор Ѓорѓи Галетановски повторно да биде поставен на чело на Зоолошката градина, велејќи дека во овој момент нема простор за нови експерименти и дека е потребен искусен човек кој веќе ја познава институцијата.
„Мој предлог беше да го вратите Ѓорѓи Галетановски. Немаме време и капацитети за експерименти. Тој веќе покажа дека од оваа институција може да се направи добра приказна,“ наведе Иванов.
Во своето писмо, Иванов истакнува дека нема никакви амбиции да ја преземе директорската функција и дека единствената негова желба е да продолжи да ја врши својата работа – да се грижи за животните и да ги едуцира посетителите.
„Барам – замолувам, само да можеме да работиме!“, завршува Иванов во своето отворено писмо до градоначалникот Ѓорѓиевски.