Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ критикува дека повторно нема заштита за бремените жени кои се пријавени на определено време со новиот предлог закон за породилно отсуство.
- Токму оваа категорија секогаш е прва на удар и овие работнички речиси секогаш добиваат отказ по истекот на договорот, нормално, откако газдата ќе дознае за бременоста. Ампева смета дека повторно Законот ќе функционира исклучиво за административците, но не и за стотиците илјади вработени во приватниот сектор, вели таа за Алфа ТВ.
Активистката за работничкки права Ампева вели дека за разлика од кај нас, во Бугарија се случува своевиден бејби бум поради добрите демографски политики. Во Србија која исто така мака мачи со иселувањето и слабиот наталитет, породилното отсуство ќе се зголеми од 12 на 15 месеци.
-Во земјава не може да се одржи ниту проста репродукција, природниот прираст со години е во минус, се уште е високо нивото на мртвородени и умрени доенчиња, а од лани се укинати бесплатните прегледи и породување за жените кои немаат здравствено осигурување. Дали ќе се наметне на приватниот сектор почитување на овие отсуства? Дали ќе се спречи намалување на плати и откази или повторно ќе има поволности само за вработените во јавниот сектор? - прашува таа.