Во трката за профит секој производ стана здрава храна

Различни трикови и маркетинг-досетки зачестено користат трговците за да продадат различни производи како здрава храна или козметика.

Така, се продава храна што има неверојатни својства, која лекува или од која брзо се слабее. Нутриционистите предупредуваат да не се верува во сѐ што ќе се прочита на Интернет или по социјалните мрежи. Некои од производите што се нудат на пазарот се новина на многумина од нас, па мора да прочитаме за нив. Во последните години научивме што е арган, киноа, хималајска сол, кокосово масло, бадемово млеко, амарант, псилиум...

- Купив масло за кое на Интернет одеше реклама и текст дека ги измазнува брчките. Не само што не исчезнаа, туку не се ни намалија. Немам никаква штета, маслото е сигурно добро за користење, но јас уште имам брчки - вели Славица Георгиевска. 

Откако правилните режими на исхрана станаа популарни и сѐ повеќе луѓе ги почитуваат, почна да се продава и храна приспособена на правилата на овие диети. На пример, производителите прават сѐ повеќе видови на лебови, маркетите нудат сѐ повеќе видови од основниот прехранбен производ за хроноисхрана, која е неверојатно популарна, рестораните имаат хрономенија, а на многу места каде што се нудат готови јадења е истакнато дека се направени „по хроно“. 

- Толку многу се зголеми понудата што изгледа на некои производители им се брза. Најдов леб што се нудеше како хронопроизвод, кој беше жив внатре, а чинеше 60 денари - вели Маја Костова. 

М-р Надица Илиевска, нутриционистка, вели дека голем проблем е тоа што потрошувачите се образоваат на социјалните мрежи на Интернет. 

- На многу производи им се даваат неверојатни својства. Се бориме за демистификација на здравата храна. Таа дава енергија, добро здравје, но само со здрава храна не може секогаш да се реши здравствен проблем. Дополнително, секој човек е посебна индивидуа и она што му помага на еден не значи дека ќе му помогне на друг - истакна Илиевска. 

Нутриционистот Петар Попоски вели дека трговците со здрава храна, во желба за поголем профит, не избираат средства за примамување на купувачите, најчесто, со етикетите и користење популарни имиња на производите. 

- Би ве предупредил особено внимание да посветите на читање на етикетите, за да дознаете дали тоа што мислите дека го купувате е навистина производот што ви се нуди. 

Особено треба да бидат внимателни нетолерантните на глутен и дијабетичарите, бидејќи трговците под називот „здраво“ многу често знаат да ви продадат 20 отсто од содржината - шеќер, или на голем наслов „безглутенски производ“, со поситни букви да напишат дека содржи траги од разни глутенски продукти. Затоа, отворете очи и читајте. Во денешно време многу е лесно да се разликуваат вистинските произведувачи од трговците и оние што само препакуваат - објаснува тој. 

Нова Македонија