Во тријазичниот Петровец сите се разбираат

Четири момчиња во третата деценија од животот седат пред селската продавница во скопско Долно Коњаре. Пладне е, вторник, работен ден. Сонцето срамежливо се појавува зад облаците. Се освежуваат со сокови.

„За жал, така ни минува денот. Работа нема. Ако најдеме нешто ситно - добро, ако не... Се чувствуваме немоќно. Во блиската економска зона во Чојлија вработуваат само нивни луѓе, па и таму не нѐ примаат“, велат момците, пренесува Независен.

Не сакаат да се фотографираат, но имињата не ги кријат: Сахудин Османовиќ, Харис Хоџиќ, Суад Балиќ и Елхан Ливарека. Првите тројца се Бошњаци, четвртиот е Албанец. Се дружат од мали. Во друштвото имаат и Македонци. Всушност, кој од која националност е, воопшто не е тема на интерес за нив.

„Сите имаме исти проблеми: невработеност и бесперспективност. Ние не веруваме во приказните дека ќе имаме 500 евра плата, не веруваме во ниту еден политичар и знаеме оти ниту Заев, ниту Груевски, ниту Ахмети ќе ни ги решат проблемите. Знаеме дека ако не се фатиш за работа лошо ти се пишува, ама навистина е очајна ситуацијата со побарувачка за работа“, коментираат.

Долно Коњаре е мешано село во кое доминира бошњачкото население. На целата територија на Општина Петровец, според податоците од последниот попис, како припадници на бошњачкото малцинство се изјасниле 17-18 проценти. Од пред неколку дена бошњачкиот јазик е прогласен за официјален во општината, па Петровец стана тријазичен, покрај македонски и албански, кој е мајчин за 22 отсто од жителите.

„Идејата ја покрена советникот Рамиз Дураковиќ, кој на последната седница на Советот образложи дека би било убаво и во ред и бошњачкиот јазик да стане официјален и да им се овозможи на сограѓаните од бошњачката заедница да го користат мајчиниот јазик при вршењето административни обврски и задачи. Предлогот беше изгласан едногласно од страна на сите 11 советници“, вели градоначалникот Борче Митевски, кој е еден од ретките општински татковци што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека во Петровец владее соживот каков што нема на ниту едно место и тоа го поткрепува со разни примери. Споменува дека се гради подеднакво во сите села во општината, без оглед чие население е доминантно. Нагласува дека имаат два фудбалски тима што се натпреваруваат во третата лига и два во четвртата лига и тие добиваат еднаква финансиска помош. Нема делби на ниту една основа.

Во Советот партиципираат 11 советници: пет од ВМРО-ДПМНЕ, тројца од СДСМ, по еден од ДУИ и од Алијансата за Албанците и еден независен. Пресметките што ги направиле покажуваат дека Општината нема да има дополнителни финансиски импликации поради тријазичноста, затоа што во администрацијата има вработено Бошњаци, а и со шемата за нови вработувања се води сметка етничките заедници да бидат соодветно застапени.

„Со семејството тука се преселивме во 1969 година и оттогаш до ден-денеска не сме имале никаков проблем со нашите соседи и сограѓани. Дури и во 2001 година кога имавме војна во земјава, или во 1999 година кога беше војната во Косово, не се случи ниту најмал инцидент. Да, ситуацијата беше наелектризирана, но сепак сите останаа трезвени. Тука секој зборува на својот јазик, а се разбираме. Би сакал да е така низ цела Македонија“, вели Дураковиќ. 

Општина Петровец брои десетина илјади жители и има 17 населени места. Официјализирањето на тријазичноста се очекува на наредната седница на Советот. Во Македонија засега само четири општини се тријазични: Гостивар, Врапчиште, Крушево и Чучер Сандево. Во 26 општини во службена употреба се по два јазика, додека во 50 статус на официјален јазик има само македонскиот.

air max 90 essential sale