Во спомен на Тоше, во понеделник крводарителска акција

И оваа година, по седумнаесети пат, Црвен крст на град Скопје и ООЦК Центар во соработка со ИТМ ќе ја организираат традиционалната крводарителската акција во спомен на роденденот на големиот хуманист и крводарител, Тоше Проески, кој за жал прерано го загубивме.

Крводарителската акција ќе се реализира на 25.01.2021 година (понеделник) во холот на Дом на АРМ во периодот од 09:00-17:00 часот.

Оваа крводарителска акција стана веќе препознатлива во нашиот град и е посетена од голем број граѓани, а пред сѐ помладата популација која во ликот на Тоше Проески препознава пример на хуманост. До сега, на овие акции реализирани се 4.829 единици крв.

При спроведување на акцијата, Црвен крст и Институтот за трансфузиона медицина ќе се погрижат сите дарители и лица ангажирани за реализација на акцијата, да ги почитуваат сите пропишани мерки и протоколи за заштита и самозаштита од Ковид-19.