Во Скопје стартува „Недела на грижа за стари лица“

Црвениот крст на Град Скопје од денеска до 20 ноември ја одбележува Неделата на грижа за стари лица, која ќе се организира преку социјалниот сервис „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“. 

Во рамки на Неделата на грижа за стари лица ќе се организираат повеќе активности: предавање во Здружение на пензионери Карпош, информативни точки на локациите Зелен пазар, пазар Буњаковец и ТЦ Бисер (пунктови за мерење притисок, ниво на шеќер во крв и сатурација). Ќе се организира посета на домовите за стари лица „Мајка Тереза“ и „Идила“, прошетка и заедничко дружење во Стара скопска чаршија со корисници од домашни услови, фризерски и козметички услуги во дневените центри за стари лица во ДХО „Даре Џамбаз“ и Сарај во соработка со Средното училиште „Димитар Влахов“, посета на Македонски народен театар, предвање и посета на планетариум, собирна акција на зимница. 

Централниот настан ќе се одржи во ТЦ Веро Џамбо на 19 ноември 2022 година од 10:00 до 14:00 преку организација на хуманитарен базар и промоција на актуелните активности во дневните центри како што се практично вежбање на Чиконг вежби, штандови за креативна и сликарска работилница.

Овој сервис е поддржан од страна на Град Скопје, Албиз Фондацијата и Швајцарски Црвен крст.

-Целта на програмата е развој на вонинституционални форми на грижа за стари лица и промовирање на активното стареење. Преку програмата на активности се вклучени 180 стари лица во домашни услови и повеќе од 1500 лица на месечна основа во дневни центри за стари лица, соопшти Црвениот крст на Град Скопје.