Во Скопје ќе се гради цело лето - Арсовска најави градежна офанзива

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на прес-конференција најави старт на голем број инфраструктурни проекти за главниот град, кои ќе се инплементираат во текот на летните месеци. 

Изградба, реконструкција и асфалтирање на улици и булевари, фекална и атмосферска канализација, нови зелени површини се дел од проектите на кои градот интензивно ќе работи во периодот што следи. 

Како што најави таа, до крајот на месец јуни,  планирани се следните инвестиции:

-Започнува реконструкција на повеќе од дваесет улици во општина Ѓорче Петров и тоа: Во село Волково – ул.83, ул 100 десен крак, улица 73, улица 3, улица 74, улица 78, улица 80 – Пржина, ул 81 – крак 1, 2, 3 лево, улица 81 – крак 4 десно. Во Кисела Јабука – улици 4, 6, краците на улицата 46 и 46а и улицата 68, улицата 10, улицата 34. Ул. Антон Кецкаров во населбата Даме Груев. Во село Ново Село крак лево кај училиштето, краците на улиците 4 и 2, улица 52 десен крак во населба Стопански Двор.

-Започнува изградбата на мега парк во Ѓорче Петров еден од ветените 5 од програмата.

-Реконструкција на бул. Теодосиј Гологанов.

-Завршување на реконструкцијата на ул. Есенинова започната во 2020, а која, како што рече Арсовска, беше наследена со бројни проблеми.

-Завршување на работите на ул. Васко Карангелески каде со силен напор успеавме да го зачуваме дрворедот од стогодишни дрвја и тоа на барање на граѓаните, 100 дрвја кои со започнатиот проект од претходното раководство требаше да бидат исечени, потенцираше Арсовска. 

Втората фаза на реализација на проектите од програмата за модерно Скопје, според најавите на Арсовска е предвидено да започне на 1 јули а дел од главните проекти во оваа фаза се и реконструкција на улиците Бутелска, Перо Наков, Рузвелтова, Димо Хаџи Димов, Скоевска и Славка Динкова. Арсовска најави и продолжување на градежните активности на Универзална сала.

-Завршени се сите постапки и по 12 години се реконструира улицата Бутелска како и со децении заборавената улица Перо Наков. Се започнува со реконструкција на фекалната канализација во населбата Градинар во Кисела Вода. Започнува и реализацијата на проект за изградба, реконструкција и покривање на Усјански канал. Имаме ново техничко решение  за Универзална и со зголемен интензитет ќе продолжат работите на објектот, дополни градоначалничката Арсовска. 

Третата фаза со план на реализација од 1 до 31 август годинава, опфаќа реконструкција на улиците на Кузман Јосифовски Питу, Перо Наков, и ќе се реконструираат шест игралишта во Сарај, како и две игралишта во средните училишта на град Скопје.