
Во сабота (6 декември) во Кавадарци владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи редовен изборен конгрес на кој се очекува реизбор на Христијан Мицкоски за лидер на партијата.
- Немам информација дека ќе има и втор кандидат, така што до моментот ценам дека информациите што стигнуваат се дека ќе биде само еден кандидат, односно ќе бидам кандидат јас, рече премиерот и претседател на партијата Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „360 степени“.
-Па, тоа е еден континуитет што започна кога беше валандовскиот конгрес. Јас официјално партијата ја презедов на почетокот на 2018 година во една многу тешка и сложена ситуација, во многу тешки и сложени околности за Македонија и генерално за граѓаните. Ако мојот прв мандат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ го одбележа времето на консолидирање, реструктуирање и прегрупирање на внатрешните редови, потоа тоа продолжи во вториот мандат кога партијата победи убедливо на парламентарните и на претседателските избори. На крајот од првиот мандат победивме убедливо на локалните избори и враќање во позиција во која денеска се наоѓаме, ВМРО-ДПМНЕ да биде најголемата политичка партија и веќе еве година и половина носител на владата. Очекувам третиот мој мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ да го одбележи периодот на големи реформи и подобар живот за граѓаните во државата, појаснува во одговор Мицкоски.
Ако Мицкоски ја добие поддршката на претстојниот конгрес, тоа ќе биде негов трет мандат на чело на партијата. Според актуелниот статут, претседателот на партијата има право на најмногу три мандати. Тоа значи дека ова би требало да биде негов последен мандат како претседател на партијата.
Фото: 360 степени