
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на денешната прес-конференција го најави почетокот на Карпошовото културно лето, кое годинава ќе се одржи традиционално по 15-ти пат.
– Оваа културно-уметничка манифестација, ќе трае од 19-ти до 27-ми август. За оваа намена, Општината издвои средства во висина од 2.500.000 денари. На овогодинешното Карпошово културно лето, кое започнува в понеделник, ќе настапат национален џез оркестар, гудачки оркестар и Радио Бубамара со солистите Андријана Јаневска, Џон Илија Апелгрин, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Зорица Поп-Анкова и Драган Мијалковски, кои ќе бидат дел од македонскиот музички времеплов, рече Јакимовски.
Оваа година, плоштадот Делфина во Влае, девет дена ќе биде резервиран за незаборавна забава на која ќе настапуваат уметници, солисти, музичари, а ќе има програма и за најмладата публика. Првиот човек на општината ги покани сите граѓани на Карпош и пошироко.
– Ги повикувам карпошани, како и граѓаните од другите општини, да присуствуваат на овие вечери, да се дружиме и забавуваме, малку да се релаксираме, заврши градоначалникот.
Локалната самоуправа го насочи фокусот кон македонската културна сцена, каде во рамки на овогодинешното јубилејно Карпошово културно лето, ќе настапуваат само домашни музичари, уметници и актери.