Во нивно име земале брзи кредити: Две кумановки измамиле 19 лица - „ќариле“ над 10.8 милиони денари

Лишени од слобода две кумановки кои измамиле 19 лица и во нивно име земале брзи кредити.

Од МВР информираат дека полициски службеници од СВР Куманово денеска ги лишиле од слобода А.С.Д. (22) и М.В. (34), двете од Куманово, и против нив СВР Куманово поднело кривична пријава и тоа, против А.С.Д. поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“ и против М.В. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“.

Првопријавената А.С.Д., со директна умисла и однапред создаден план, со намера за себе и за второпријавената М.В. да прибави противправна имотна корист, во период од јануари до јули 2026 година во вкупно 19 наврати, со лажно прикажување и свесно прикривање на вистинските факти, довела и одржувала во заблуда 19 лица, така што без нивна согласност и овластувања, злоупотребувајќи и користејќи ги нивните лични податоци, во нивно име аплицирала за брзи потрошувачки кредити, а по одобрувањето и исплатата на парите, тие биле противправно присвојувани од страна на А.С.Д. и М.В..

Второпријавената М.В., постапувајќи по претходен договор, и помогнала на А.С.Д. во извршувањето на кривичното дело преку преземање на дејствија што овозможиле реализација на измамата.

При тоа, како што посочија од МВР, двете се стекнале со противправна имотна корист од 10.820.000 денари.