Во Македонија стана природно да се умира насилно: Некој знае што прави, купува време, закрива траги...

Македонија е земја на неколкумина и нивните богати, разгалени, арогантни и бескруполозни деца. Сите други се топовско месо. Се умира на крстосница, за паркинг место, за пијачка, за поглед кон туѓа девојка. И сеедно е за што се умра кога и онака зад вредоста на нашите животи не стои државата. Државата ги штити убијците. Скопскиот асфалт, ендеците, реките, станаа гробници на умрени без ден. Десетици, а можеби и стотици нерасветлени убиства, починати од „природна смрт“. Во Македонија стана природно да се умира насилно.

Ова не е новинарска констатација. Ова е констатација на еден уплашен човек, сведен на незаштитено човече. Ниту полицаец, ниту лекар. Ниту судија, ниту кадија. Човече оставено на ветрометина, да го шибаат волјата и неволјата на оние неколку семејства кои ја контролираат државата.

Смртта на ракометарот Денис Тот ја потресува јавноста последниве денови. На асфалтот пред дискотеката „Привилиџ“ згасна млад живот. Имаше само 27 години. Оваа смрт освен што е семејна трагедија, таа е и општествена. Се проширија многу шпекулации за она што се случило кобната ноќ пред дискотеката, а трагедијата е што тие потекнуваат од официјални лица, авторитети, директорката на КАРИЛ Маја Мојсова и МВР.

Иако првично медиумите јавија дека ракометарот на Бутел бил претепан, директорката на КАРИЛ тврдеше дека немало видливи траги на телото на сега починатиот. МВР потврди, за под притисок на семејството на ракометарот и хрватската дипломатија, да излезе дека сепак, не се медиумите тие кои шират невистини, туку здравство и МВР. Кој и зошто се обиде да го прикрие убиството на младиот ракометар? Колку убиства на македонски државјани завршиле како несреќен случај, како природна смрт? Колку срца откажале, а колку животи всушност биле насилно прекинати?

7 април

Ракометар на Бутел се бори за живот на скопските клиники и се наоѓа во тешка состојба откако рано изутрина бил донесен во болница со тешки телески повреди, пренесува 24 Ракомет доцна вечерта.

РК Бутел потврди дека повредите се нанесени од тепачка или со удирање од тврди предмети, а ракометарот се бори за живот.

Од Министерството за внатрешни работи нема потврда за случајот и детални информации.