Во Кисела Вода, Карпош и Гази Баба ќе има зонско паркирање

Годинава ЈП „Градски паркинг” планира за околу 1.500 паркинг места да го зголеми зонското паркирање во градот. Според Годишниот извештај на претпријатието, зонско се предвидува на една улица во Автокоманда, четири во Кисела Вода, на три во Карпош1 и во Лептокарија.

ЈП „Градски паркинг” располага со 8.015 паркинг места, а годинава во план е да оспособи дополнителни околу 1.500 кај зонски организираните јавни површини. Според плановите што претпријатието ги има објавено за 2018 година во Годишниот извештај за сработеното лани што на усвојување се најде на последната седница на Град Скопје, зонско паркирање ќе има на делови од Автокоманда, Карпош и Кисела Вода, пишува Вечер.

Во Автокоманда на улицата „Индустриска” зона Д20 за 304 паркинг места веќе е изготевно сообраќајно решение. Зонско паркирање ќе има и на четири улици во Кисела Вода. Тоа се улиците “Антон Попов” Д140, “Емил Зола” Д141 и улиците “Иван Козарев” Д142 и “Вера Јоциќ” Д143.

Паркинг ќе се наплаќа во Карпош 1 на улиците “Мирка Гинова” (Д40-Д59), “Иван Аговски” (Д40-Д59), “Гиго Михајловски” (Д40-Д59). “Градски паркинг” во програмата за 2018 година предвидел зонско да се воведе и во Карпош 3 кај Лептокарија зона Д70-Д79.

Бидејќи сообраќаен проект е изработен само за паркинг местата во Автокоманда, а за останатите се уште нема од јавното претпријатие наведуваат дека не се во можност да го наведат точниот број на паркинг места кои би се ставиле во употреба во текот на годината.

-За јавни површини наменети за паркирање кои претпријатието планира да ги уреди и оспособи за организиран сообраќај во мирување во текот на 2018 година, потребно е најпрвин да се изработи Сообраќајно-техничко решение – Проект за регулирање на сообраќајот и истиот да ја помине постапката пред надлежните органи: Сектор Сообраќај на Град Скопје и Министерство за внатрешни работи, кои врз основа на изработениот сообраќаен проект издаваат “Решение за утврдување режим на сообраќај” за секоја паркинг површина која претпријатието ја организира и стопанисува. Оттука, за овие јавни површини наменети за паркирање немаме наведено точен број на паркинг места, се вели во Годишниот извештај на ЈП “Градски паркинг”.