Во четврток ќе се гласа за доверба на Владата, неизвесно е дали е обезбедено потребното мнозинство

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за четврток ја закажа седницата на која треба да се гласа доверба на Владата, откако вчера до него ваква иницијатива со потписи од 61 пратеник поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, АА и Алтератива, Беса и Левица. Потоа, според партиски информации, Џафери го повикал премиерот Зоран Заев на средба во Собранието, а таму беше и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според досегашните информации, сепак, неизвесно е колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на Владата на Заев во четврток.

Од СДСМ за МИА синоќа потврдија дека Џафери го повикал Заев лично да го информира за поднесената иницијатива за гласање доверба на Владата и за следните деловнички чекори.

Откако беше поднесена иницијативата Кабинетот на претседателот на Собранието информираше дека е доставено Барање за гласање за доверба на Владата.

-Претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање доверба на Влада, а седницата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток, на 11 ноември 2021, во 11.00 часот. Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата, наведува Кабинетот на Претседателот на Собранието.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски претходно на прес-конференција ја најави иницијативата и кажа дека е потпишана од 61 пратеник, но оти исто така дека тие интензивно разговараат и со други пратеници.

-Доколку во моментов треба да се гласа доверба на Владата очекувам да има 61 плус односно во тек се интензивни преговори и со уште неколку пратеници во македонското Собрание и очекувам дека иницијативата за недоверба на Владата ќе ја потпишат повеќе од 61 пратеник, рече Николовски.

Во однос на формирање нова Влада или евентуални нови брзи избори, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа е нешто што ќе се разговара после четврток.

-Треба да седнеме со нашите партнери и да видиме кои се нашите програмски определби на сите што сакаат да се формира политичка влада или за брзи избори, рече Николовски.

Посочувајќи делови од образложението за гласање доверба, тој рече дека „Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во претходните пет години, туку напротив владее со измами и пазарења на сметка на најважните прашања на народот“.

По поднесувањето на иницијативата на Фејсбук се огласи и премиерот Заев.

– За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите, напиша Заев.

Реакција имаше и од неговата матична партија СДСМ од каде посочија дека деновите пред нас ќе покажат дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат доволно пратеници за изгласување недовреба за Владата или не.

-СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да ја обезбедиме стабилната иднина на нашата држава и целиот наш народ. Заедно, демократските, проевропски партии нема да дозволиме само заради пуста желба за власт, Мицкоски, Апасиев и Груевски државата да ја носат низбрдо, а народот да страда, посочија од СДСМ.

Ново мнозинство во Собранието во петокот најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со првите луѓе и претставници на АА и Алтератива, Беса и Левица, по што тоа беше потврдено и од нив.

Според досегашните информации, сепак, неизвесно е колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на Владата на Заев во четврток откако еден од народните избраници на Алтернатива Скендер Реџепи Зејд изјави дека ако Левица остане на списокот за паѓање на Владата, тој нема да бидам дел од него, ниту ќе го поддржи гласањето. Дополнително, синоќа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски потврди дека тој и пратеничката Ангелинка Петкова се во изолација, но се очекува во четврток да дојдат во Собрание на седницата по поднесената Иницијативата за изгласување недоверба на Владата согласно Протоколот што беше донесен од Комисијата за заразни болести и беше применет во Собранието во април годинава.

Во врска со изјавата на пратеникот Скендер Реџепи Зејд на Фејсбук се огласи и лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев кој смета дека пратениците на Алијанса на Албанците, Алтернатива и Беса имаат, како што напиша, историска шанса да ја стават ДУИ во опозиција.