Дванаесетгодишниот Јован Кутаноски од Струга денеска го оствари својот голем пливачки предизвик, испливувајќи 16,5 километри во водите на Охридското Езеро, на релацијата Струга – Радожда – Струга.

За целиот предизвик му биле потребни 6 часа и 30 минути. Пливањето било организирано по повод празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица.
Јован тргнал од брегот во Струга во утринските часови, а по пристигнувањето во Радожда бил пречекан од мештаните и присутните гости. По краткиот престој, продолжил назад кон Струга, завршувајќи ја целата релација.
Во текот на пливањето, поддршка му давале негови другари и другарки, исто така триатлонци, кои пливале паралелно со него и го охрабрувале во текот на предизвикот.
Кутаноски е член на клубот за триатлон и пливање „3 Disciplines“ од Струга. Тој е актуелен шампион во триатлон и дуатлон во категоријата „Деца 2“.
Неговиот подвиг ги спои спортскиот предизвик и одбележувањето на еден од најголемите православни празници, во чест на Голема Богородица.