
Највисоките просечни цени на станови во третиот квартал од 2025 година се забележани во општина Центар, каде квадратниот метар достигнува цена од околу 3.100 евра, покажува Извештајот од Регистарот на цени и закупнини на недвижности за периодот јули – септември 2025, изготвен од Агенцијата за катастар на недвижности.
Според податоците, Карпош ја следи со просечна цена од 2.780 евра за м², а потоа Аеродром со 2.400 евра за м². Најниски цени се забележани во Демир Хисар, Кратово, Македонски Брод и Пехчево, каде просечниот квадрат се движи меѓу 400 и 500 евра.
Во третиот квартал од 2025 година се регистрирани 12.214 продажби на недвижности, од кои најголем број во јули – 4.634 трансакции, потоа во август – 4.057, и во септември – 3.523 продажби, што претставува благ пад во однос на претходниот квартал.
Најголем дел од продажбите се однесуваат на станови – 59%, потоа градежно земјиште – 26%, и куќи – 11%.
Просечната цена на сите продадени недвижности во земјата во овој период изнесува 1.015 евра по квадратен метар, покажува извештајот.
Според Катастарот, во третиот квартал се реализирани 937 продажби од инвеститори, од кои 845 се станови, 89 куќи и 2 гаражи, што го потврдува континуираниот интерес за купување новоизградени станови.
Извештајот нотира дека активноста на пазарот на недвижности останува концентрирана во Скопје, Тетово, Куманово и Охрид, каде традиционално се реализира најголемиот број купопродажби.