Во цела Европа во пандемија се намали личната потрошувачка, само во Македонија се зголеми

Пандемијата ја намали личната потрошувачка во европските држави. Статистиката покажува дека на годишно ниво приходите на семејствата во земјите од ЕУ се зголемиле, а потрошувачката се намалила за 7%. Најмногу опаднала во Словенија, за 15,4%. Во Македонија, според пресметките на ССМ се зголемила за 2%. За разлика од Европа, кај нас потрошувачката расте најмногу поради зголемувањето на цените на храната.

Од Сојузот на синдикати на Македонија, кои ја пресметуваат неопходната месечна потрошувачка за просечно четиричлено семејство, велат дека во година на економска и здравствена криза минималните трошоци пораснале за речиси 1.000 денари.

“Главно се должи на зголемените трошоци за набавка на прехранбените основни производи но и на трендот платата да не го следи зголемувањето на цените воопшто. И ние се соочивме во изминатиот период особено во втората половина во 2020 година со тоа голем број на работници и да не добиваат плата. А, да не зборуваме дека минималната плата, односно две минимални плати не ја покриваат кошничката или, пак, истата е некаде повисока и од просечната плата во државата, тогаш станува збор за прилично сериозен проблем со кој сме соочени сите”, вели за Сител Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија.

Европската комисија во најновиот извештај за земјава прогнозира дека инфлацијата ќе расте како последица на поскапувањето на цените. Ако платите не растат со исто темпо, сиромаштијата ќе се зголемува. Освен раст на платите, од ССМ велат дека државата треба да внимава и на цените на основните прехранбени производи.

“Нашиот став е на двете нивоа да се води еднакво сметка со оглед на тоа што во време на пандемија имавме со уредба со законска сила законско ограничување на висината на зголемувањето на цените на производите поради тоа што и државата беше свесна дека граѓаните ќе се доведат во ситуација да не можат да си ги дозволат и најосновните продукти. Од друга страна, ние, како синдикат, во изминатиот период континуирано го говориме тоа и за жал се потврдува и со оваа здравствена криза дека сме биле во право дека платите мора да го следат зголемувањето на трошоците на живот”, вели Слободан Трендафилов од ССМ.

Во некои европски земји платите го следат растот на инфлацијата за да се спречи осиромашувањето на граѓаните.