Во Белгија постои велосипедска патека што минува низ езеро: Долга е 212 метри, а велосипедистите изгледаат како да се движат низ вода

Photo by BuroLandschap

Во белгиската покраина Лимбург се наоѓа една од најнеобичните велосипедски патеки во Европа. Наместо да го заобиколува езерото, патеката минува директно низ него, овозможувајќи им на велосипедистите и пешаците да се движат меѓу две водени површини, без воопшто да се намократ.

Станува збор за велосипедската патека „Cycling through Water“, сместена во природниот резерват Де Вајерс (De Wijers), во близина на музејот на отворено Бокрајк (Bokrijk). Отворена е во април 2016 година и оттогаш претставува една од најинтересните туристички атракции во овој дел на Белгија.

Патеката е долга 212 метри и широка три метри, а нејзината особеност е што е изградена под нивото на водената површина. Од двете страни водата достигнува приближно до висината на очите на велосипедистите, создавајќи впечаток дека тие се движат низ самото езеро.

Гледано од далечина, патеката речиси и не се забележува, па велосипедистите изгледаат како да се потопени во вода до рамената. Токму овој необичен визуелен ефект ја направил локацијата популарна меѓу туристите и љубителите на фотографијата.

Проектот е дело на архитектонското студио BuroLandschap, во соработка со Lens°ass Architects, кои биле задолжени за конструкциското решение.

Покрај необичното архитектонско искуство, посетителите имаат можност од непосредна близина да го набљудуваат природниот свет на езерото. Во околината живеат лебеди и други водни птици, кои често се движат покрај патеката.

Изградбата била проследена и со уредување на околните езерца, подобрување на квалитетот на водата и создавање поповолни услови за живот на водоземците.

Во близина се наоѓа и музејот на отворено Бокрајк, каде што посетителите можат да разгледаат традиционални градби и да се запознаат со историјата и архитектурата на Фландрија. Како дел од проектот биле обновени и поранешен гулабарник од 17 век и стара фарма, кои денес служат како видиковци и простори за одмор.

Белгиската покраина Лимбург инаку е позната по својата развиена велосипедска инфраструктура, со околу 2.000 километри уредени велосипедски патеки, кои годишно привлекуваат приближно два милиони велосипедски туристи.

Според податоците наведени во претставувањето на проектот, низ патеката „Cycling through Water“ дневно поминуваат во просек околу 800 велосипедисти.

Иако е долга само 212 метри, патеката стана препознатлив пример за тоа како со внимателно архитектонско решение може да се создаде необично туристичко искуство, без да се наруши природниот карактер на просторот.