
Денеска направиме значајна работна посета на граничниот премин „Табановце“, каде заедно со тимот од МВР имав можност лично да се уверам во функционалноста на новоимплементираниот „One Stop“ систем за заеднички гранични проверки, информираше денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Овој систем со кој што се интегрираат прегледите на двете страни на границата веќе овозможува значително побрз проток на луѓе, патници и стоки, со елиминирање на двојни проверки и минимизирање на чекањето. Во месец август 2024 сме имале 1.247.747 патници на овој граничен премин, а оваа 2025 година дури 1.602.939. Времето на чекање за време на најголемите гужви во 2024 било од 3 до 4 часа, а оваа година со имплементиран „One Stop“ систем било 30 минути до 1 час, што значи имаме зголемување од 29% на бројот на патници а неколкукратно намалено време на чекање“, посочи Тошковски.
Тој додаде дека по посетата на границата, со раководството на СВР Куманово, разговарале за безбедносната состојба во регионот.
„Состојбата е стабилна и мирна, а бројките кажуваат зголемена откривачка дејност во областа на економскиот криминал и намалување на сообраќајните незгоди со жртви. Со ставање во функција на системот „Safe City“ каде Куманово е во првите три града очекуваме значително зголемување како на сообраќајната безбедност така и во областа на јавниот ред и мир. Потврдивме и дека полицијата е целосно подготвена да ги гарантира демократските и фер избори на претстојните изборни процеси“, истакна Тошковски.