Во 2026 година, важно е да се бориме за оние кои ги сакаме, но не и да бидеме сакани

Во 2026 година, една од најважните одлуки што можеме да ја донесеме како возрасни, свесни луѓе е да престанеме да ја мешаме љубовта со напор што нè исцрпува.

Photo by lo lindo on Unsplash

Постојат борби што имаат смисла и борби што тивко нè трошат. Во ред е да се бориме за некој што нè сака, за однос кој има длабочина, историја, заемна грижа и јасна волја да опстои. Но не е во ред да се бориме за да бидеме сакани, да се објаснуваме, прилагодуваме и намалуваме со надеж дека некој еден ден ќе нè види онакви какви што веќе сме.

Оваа разлика не е филозофска, туку многу практична. Кога се бориме за некој што нè сака, борбата е двонасочна. Има разговори, има тешки моменти, има напор од двете страни. Но постои и нешто многу важно: присутност. Постои желба да се остане, да се решава, да се преземе одговорност. Кога, пак, се бориме за да бидеме сакани, најчесто сме сами во таа борба. Ние чекаме, разбираме, толкуваме тишини, бараме знаци и си објаснуваме зошто нечие повлекување не значи ништо. Со тек на време, таа борба не нè прави посилни, туку понесигурни.

2026 не е година за заслужување љубов. Не е година во која треба да покажуваме колку сме трпеливи, колку можеме да издржиме или колку малку ни треба за да останеме. Овие приказни долго ни беа продавани како зрелост, но всушност нè учеа да ја нормализираме емоционалната недостапност. Да прифатиме дека е во ред да сме во односи каде што топлината доаѓа на рати, а јасноста е луксуз. Во 2026, време е тоа јасно да го преиспитаме.

Љубовта што вреди не создава постојана несигурност. Таа не бара од нас да читаме меѓу редови, да се сомневаме во сопствените потреби или да се чувствуваме како товар кога сакаме близина. Не значи дека секогаш е лесна, но значи дека е јасна. Значи дека знаеме каде стоиме. Дека не мораме да се бориме за основни нешта како почит, внимание и емотивна присутност. Кога тие нешта недостигаат, проблемот не е во нашата „преголема чувствителност“, туку во самата динамика.

Во новата година, можеби најрадикалниот чекор е да ја насочиме енергијата таму каде што е возвратена. Да престанеме да ја инвестираме во односи што постојано нè ставаат во позиција на чекање. Ова не значи бегање од тешки разговори или за напуштање при првиот проблем. Напротив. Ова е повик да препознаеме разлика меѓу однос што има потенцијал и однос што нè држи во постојан обид да докажеме дека сме доволни.

Ако нешто треба да го понесеме со себе во 2026, тоа е оваа суштинска јасност: ќе се бориме за односи во кои сме сакани, не за ветувања без покритие. Љубовта што останува не бара убедување. Таа се покажува преку дела, присутност и конзистентност. И токму таквата љубов  јасна, одговорна и заемна  е она што вреди да го избереме како нов стандард.