Внимателно во сообраќајот: Еве каде има намалена видливост поради магла

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40 метри има на патниот правец село Гајре – Тетово, од 50 – 100 метри на патниот правец Скопје – Тетово – Гостивар, од 100 – 150 метри на патниот правец Страцин – Куманово, од 30 – 50 метри на планинскиот превој Буково и до 50 метри на планинскиот превој Ѓавато, информираат од АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Поради минирање денеска во периодот од 11:00 и 14:00 часот во прекин од 10 до 15 минути ќе биде сообраќајот на магистралниот пат А2 Кичево – Охрид, на делницата Пресека – Песочан, информира АМСМ.

На патниот правец А2 Свети Николе – Миладиновци на 10 километри пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри. На самото место е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. На учесниците во сообраќајот АМСМ им препорачува внимателно возење.

Од АМСМ информираат дека сообраќајот на патниот правец Р1402 Струмица – Мокрино – Смолари кај Мокрински извори е во прекин поради нанос на коловозот и поплава. Екипите на Ј.П. Македонијапат работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.