ВМРО-ДПМНЕ: Тренчевска да си поднесе оставка и да покаже дека заштитата на децата и е пред сè

„Десетмесечно бебе завршило со тешки телесни повреди и хематом на главата, а министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорката на детската градинка Елизабета Стоименова се обидуваат да го прикријат целиот случај и да прикажат дека се работи за детска игра“, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за инцидентот со повреденото бебе во гевгелиската градинка. 

Од таму бараат оставка од морални причини на министерката и директорката. 

-Цела јавност виде дека не се работи за гребнатинки на десетмесечното бебе, туку за модрици низ целото лице. Срамно и без грам чувство на одговорност и доблест. Тренчевска и Стоименова се најодговорни за овој инцидент и наместо пракса да станува други да одговараат, веднаш да си поднесат оставка. Ниту едно насилство не смее да се толерира, најмалку насилството врз децата. Да бевме некоја демократска држава, до сега од морални причини ќе имаше оставка на министерката, директорката и целиот инцидент ќе беше расчистен. Но, ние имаме бледи соопштенија и неуспешни обиди од Тренчевска да се сокрие целиот случај - се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.