ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов не мрдна со прст, а Водно стана бразилска фавела

Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ го обвини градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов дека не се грижи за Водно и се што ветил во врска со заштитата не реализирал.

– Во 2018 Шилегов напрвин дозволи гасоводната линија да помине низ срцето на парк-шума Водно, а потоа по протестите на екологистите изјави дека тој е гарант за зачувување на планината. Владата тогаш вети и специјален закон за заштита на Водно. Сепак, во 2019, во Студијата за ревалоризација на парк-шума Водно со амин на Градот беа исцртани нови, повисоко поставени граници на Водно и се намали степенот на неговата заштита. Водно станува бразилска фавела, а Шилегов со прст не мрда за негова заштита – велат советниците.

Тие потсетуваат дека, Законот не беше донесен, а не беше извршено ниту планираното пошумување за што МЕР имаше издвоено околу еден милион денари како компензација на штетата сторена со изведбата на гасоводот.

– Место тоа, Шилегов во медиумите зборуваше за „разубавување“ на Водно и негова „урбанизација“, со изградба на екшн-паркови, велосипедски патеки и зиплајни. Ништо од зиплајнот, ништо од ветувањата на Шилегов за заштита на Водно. За три години не е преземен ниту еден чекор за заштита на Водно. Неспособноста на Шилегов најголема закана за Водно- велат советниците од ВМРО-ДПМНЕ во градскиот совет на Скопје.