
Менаџментот на скопската Зоолошка градина и раководството во Градот целосно потфрлија. Во градината постојано угинуваат животни поради разни болести, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во ЗОО Скопје владее општ хаос, животни се разболуваат и умираат, а никој не ги третира и лекува. Сите инциденти за разболување и угинување на животните, установата ги крие од јавноста, а со тоа го доведува во опасност здравјето на останатите животни, но и на вработените и посетители“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека една од болестите којашто е причина за смртта на голем број животни е туберкулозата, која е заразна болест и претставува вистинска опасност за целата околина.
„Пред месец и половина, во Скопската зоолошка градина починаа три лами од болеста туберкулоза, а кај уште две е потврдена истата инфекција. Но, хаосот не запира тука. Пред 3 дена почина и младото мајмунче од видот ‘гибон’, а според патолошкиот наод, повторно се потврдува присуство на туберкулоза, истиот вид зараза како кај ламите. Ова претставува аларм по кој треба итно да се реагира, а менаџментот да понесе одговорност“, укажуваат во соопштението од партијата.
Наместо заклучок, во соопштението се вели дека ваквите случаи отвораат сериозни прашања: колку животни загинаа од оваа болест, колку се загрозени и дали вработените и посетителите се безбедни?
Се порачува дека време е за одговорност и итна реакција.