Владата воведува Викенд без ДДВ

Владата денеска го усвои третиот сет економски мерки во насока на опоравување на домашната економија во периодот на враќање во нормала по кризата со коронавирусот. Како што објави денеска на прес-конференција во Владата премиерот Оливер Спасовски, третиот пакет мерки ќе изнесува 355 милиони евра, или 5,5 отсто од бруто домашниот производ, а со него ќе бидат опфатени 730.000 корисници.

Воведуваме викенд без ДДВ за сите граѓани, преку поевтини цени за граѓаните. Поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство, посочи Спасовски на прес-конференција.

Со оваа мерка се планира да се овозможи на неколку најпогодени сектори од COVID-19 да се организира можност за викенд купување на производи и да се добие поголем поврат на ДДВ од сегашниот модел.