Владата разгледува дали е можно и колку да се намалат цените на патарините

Високите цени кои се плаќаат за патарините на македонските патишта и натаму актуелна тема. Сепак, надлежните најавија дека има можност да се намалат цените, а кога ќе се случи тоа не се знае. 

-Како Влада разработуваме модалитети за дали е можно и колку да се намалат цените на патарините, но истите да бидат одржливи, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Бочварски вели дека моделот со винетките не е доволно праведен.

-Моделот со винетките не е доволно праведен, затоа што винетка користи и оној граѓанин кој патува секој ден на одредена дестинација и повеќе ги користи патиштата, отколку што некој можеби ќе наплати винетка со регистрацијата, односно, патна такса, а притоа можеби и нема да ги користи јавните патишта. Праведен модел е на тоа кој повеќе патува да плаќа повеќе, отколку некој кој користи само локални патишта, смета Бочварски.

Тој посочи дека 46,4 милиони евра се собрани од наплата на патарини во минатата година во ЈП за државни патишта.

Претходно во јавноста вирален стана примерот со жител на Велес кој ако работи во Скопје и патува со автомобил, само за патарини годишно би дал над 58.000 денари, кога ќе се одбијат викендите и годишниот одмор. За патувањата во слободно време ќе си плати дополнително.