Владата преживеа, ама луѓето едвај ја преживуваат оваа налудничава состојба

Откако вчера на македонската политичка сцена се случија „мал милион“ настани јавноста со реакции дека сметката сепак на крајот ќе ја плати народот.

Еве ги реакциите од социјалните мрежи.

-Уште трае старата, е еве и најнова политичка криза, директно од законодавниот дом кој работи со наши пари и треба да одлучува за нашата идина во услови на здравствена и енергетска криза. Цехот ќе го плати народот од сите нивни егзибиции, пишува еден граѓанин.

Професорката Гордана Силјановска-Давкова, пак, вели:

- Пратеникот Кастриот Реџепи се повикува на силни сигнали од висок дипломатски претставник на ЕУ и САД при носењето ненадејна одлука да не се појави на денешната седница и покрај фактот што неговиот потпис стои на обата списоци. Очекувам соодветна реакција за да не остане фрлената сенка врз нив, оти гласањето за недоверба на владата е највнатрешното државно прашање. И новинарите со свој став:

-Некој бил "киднапиран", некој опериран, де има мнозинство за недоверба на Владата, де има поддршка за Владата. Патетично, незрело и неодговорно однесување од сите страни. Де бре доста го ставате својот интерес на прво место, потсете се зошто воопшто постојат политичките партии. Уморни сме..., пишува новинарката Сабина Факиќ.

-Владата преживеа, ама луѓето едвај ја преживуваат оваа налудничава состојба. Веќе не станува збор за политичка незрелост, туку за ужасна агресија на луѓе кои најмалку им е место во политика, вели новинарката Билјана Секуловска.

Докторката Жаклина Шопова, пак, со свој став за политичката актуелност:

- Дали демократија е да се плашиш да го кажеш своето мислење поткрепено со факти, да го дадеш својот глас за тој за кој ти сакаш, мислиш!? Дали овие пратеници на власта народот ги изгласа и им даде право, за вакви криминални дејствија кон своите колеги!? Дали ВИЕ пратеници на СДСМ, ДУИ, ДОМ, ЛДП, ДС не се плашите за себе, за вашите фамилии, дека утре, задутре доколку имате спротивно размислување, ќе може едноставно да ве "снема" додека не го промените својот став!? Ова ли е демократијата со која сакате да одиме во ЕУ!?