Владата ќе потроши 1.5 милиони евра, се подновува со 45 возила

Владата на Република Северна Македонија набавува 45 луксузни возила „шкода суперб“ со погон на четири тркала во вредност од 1,5 милиони евра без ДДВ. Месечниот лизинг за едно возило изнесува 60 илјади денари со вклучен ДДВ, а вкупната цена  на едно возило достигнува околу 40 илјади евра.

Договорот помеѓу Службата за општи и заеднички работи и компанијата „Порше Лизинг“ е склучен на крајот на минатиот месец и истиот е веќе јавно објавен на веб страната на Електронскиот систем за јавни набавки. Предмет на договорот е јавна набавка на стока се 45 моторни возила по пат на оперативен лизинг во времетреање од 36 месеци и предвидена километража од 120.000 километри за тој период. Владата, односно Службата за општи и заеднички работи има обврска кон лизинг компанијата по завршувањето на оперативниот лизингот  да плаќа по поминат километар за секое возило.

„Порше Македонија“ која е сестринска компанија на „Порше Лизинг“ во минатото во неколку наврати беше споменувана за спорни набавки на возила за министерства и компании во државна сопственост. Во еден од случаите кои пред неколку години ги отвори СЈО обвинителството тврдеше дека тогашниот висок функционер Ѓоко Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на  Порше Македонија ДООЕЛ Скопје.