Владата и Синдикатот на УПОЗ ќе се сретнат откако премиерот Христијан Мицкоски ќе се врати од официјалната посета на САД, информираат од Владата.
„Премиерот Христијан Мицкоски веднаш по враќањето од официјалната посета на САД ќе ги прими претставниците на синдикатот и ќе се дискутира за изнаоѓање на решение кое ќе биде од полза на работниците и исполнување на нивните права“, се вели во одговорот што МИА го побара од Владата.
Оттаму велат дека стремежот на Владата е да се изнајде решение кое ќе биде во насока на подигнување на стандардот на работниците во согласност со буџетските можности.
„Добро е што лидерите на УПОЗ прифаќаат дијалог наместо рестриктивни и избрзани мерки како протест без да бидат исцрпени можностите за дијалог и изнаоѓање на конечни решенија“, велат од Владата.
Вработени во дел од министерствата, Државниот завод за статистика и Државниот архив веќе четири дена одржуваат получасовен предупредувачки протест барајќи додатоци на плата од 30 проценти и потпишување на колективни договори.