Кога зборуваме за заштита од рак на кожата, најчесто размислуваме за креми со заштитен фактор, избегнување на сонце во пладневните часови или редовни прегледи кај дерматолог.

Photo by Alexey Demidov on Unsplash
Но ново истражување објавено во списанието Melanoma Research внесува уште една димензија во оваа тема: здравите нивоа на витамин D можат да бидат поврзани со понизок ризик од меланом, најопасниот вид рак на кожа.
Студијата опфатила речиси 500 возрасни, поделени во групи според тоа дали редовно земаат витамин Д, повремено или воопшто не. Резултатите биле јасни: оние кои редовно го вклучувале витаминот Д во својата исхрана или суплементација имале помал ризик од развивање меланом и други кожни заболувања. Оваа врска ја потврдува идејата дека превенцијата не се одвива само на површината на кожата, туку и во внатрешната рамнотежа на телото.
Витаминот Д одамна е познат како „витамин на сонцето“ затоа што телото го создава преку изложување на сончеви зраци. Но современиот начин на живот, долгите часови во затворен простор и ограничената изложеност на сонце, особено во зимските месеци, често водат до недостаток. Во вакви случаи, исхраната и суплементите стануваат клучни извори за одржување на оптимални нивоа.
Она што е нагласено во ова истражување е дека витаминот Д може да биде повеќе од нутриент за коските или имунитетот , тој може да е и дел од нашата одбрана против сериозни кожни заболувања. Тоа не значи дека треба да се откажеме од кремите со заштитен фактор или редовните прегледи, туку дека балансирањето на внатрешното здравје е подеднакво важно колку и надворешната заштита. Важно е да се напомене дека, како и со секој нутриент, клучна е рамнотежата. Прекумерното изложување на сонце без заштита носи ризик, но недостигот на витамин Д исто така создава слабости. Решението е во внимателно комбинирање: разумно користење на сончевата светлина, редовно следење на нивоата преку крвни анализи и, по потреба, суплементација со препорачана доза.
Оваа студија е потсетник дека телото е сложен систем каде што сите делови се поврзани. Кожата, коските, имунитетот и целокупното здравје се поддржуваат едни со други. Кога се грижиме за витамин Д, ние не само што го намалуваме ризикот од болести, туку создадеме услови за посилен, поотпорен и поенергичен организам. Превенцијата, како што покажува ова истражување, започнува и однатре.