Високи цени и зголемена инфлација се последиците за македонските граѓани, вели професорот Узунов

Оваа година животниот стандард на Македонците секако дека ќе биде погоден од растот на цените, односно инфлацијата, која ќе се зголеми значајно поради војната меѓу Русија и Украина. 

Владата нема многу простор за да помогне, но треба да води сметка за ранливите категории на граѓани. Што значи, цехот на војната ќе мора секој еден човек да го плати, некој повеќе, некој помалку.

Ова е генералниот став за тоа како воената операција што Русија ја почна врз Украина ќе се одрази врз глобалната, но и врз домашната економија, на универзитетскиот професор од земјава, Ванчо Узунов, даден за Фактор

Последица на сето ова конкретно за Македонија, ќе бидат високите цени и зголемената инфлација.

„Фактот што ќе растат цените на енергенсите, нешто што кај нас не може да биде премостено на никаков начин, особено гасот и нафтата, но и на електричната енергија, кои се влезни инпути буквално во сите производи, ќе ги зголеми цените, што ќе атакува на животниот стандард на граѓаните, кој, пак, и онака во изминативе години е погоден од бројните кризи кои се случуваа, односно здравствената, како и енергетската криза“, објаснува овој експерт.

Според Узунов, нема многу простор за владина интервенција, во смисла на намалување, на пример на давачките на енергенсите, бидејќи, како што вели, та ќе ги намали буџетските средства кои се неопходни, а нови кредити ќе биде многу тешко да се земат.