Виртуелен состанок на Џафери со собраниските спикери на Шведска и Финска по повод ратификувањето на протоколите на двете земји во НАТО

 Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери оствари виртуелен состанок со претседателот на Риксдагот на Кралството Шведска, Андреас Норлен и телефонски разговараше со Мати Вананен, спикер на Парламентот на Република Финска по повод ратификацијата на Протоколите кон Северно-атлантскиот договор во врска со пристапувањето на Кралството Шведска и Република Финска.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери им честиташе на претседателите Норлен и Вананен и на граѓаните на Шведска и Финска за нивниот одлучувачки чекор и за потпишувањето на Пристапниот протокол за членство во НАТО и почетокот на процесот на ратификација на членството на Шведска во Северно-атланската алијанса.

Тој истакна дека продолжувањето на процесот на проширување на НАТО е од клучно значење за долгорочната стабилизација на Европа.

– Сите сме свесни за долгогодишната традиционална воена неутралност на Шведска и Финска исто онолку колку што сме свесни дека војната во Украина доведе до зголемена дебата меѓу земјите-членки од потребата од зајакнување на Алијансата со нови земји-членки. Верувам дека во времето кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, вашето членство ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност, истакна Џафери.

Претседателот Норлан се заблагодари за поканата лично да присуствува на седницата за ратификација на Протоколот за членство во НАТО на Шведска и изрази жалење што не може лично да присуствува на неа. Норлан истакна дека со поддршката на Северна Македонија за членство на Шведска во НАТО се потврдуваат солидните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Шведска, кои што ќе се продлабочуваат на сите полиња, дополнително и како сојузници во НАТО.

Претседателот Вананен се заблагодари на граѓаните, Собранието и претседателот Џафери за целокупната поддршка во процесот на пристапување на Финска во НАТО.

Соговорниците се согласија дека развиените билатерални односи, одличната парламентарна соработка, поддршката на мултилатералните форуми дополнително ќе се унапредат преку сојузништвото во НАТО.