Вирална објава на доставувач од Србија: „Паднав од велосипед, а тие ме прашаа за храната – тогаш сфатив дека сум потрошна роба“

Објава на поранешен доставувач за компанијата Wolt од соседна Србија, споделена на социјалната мрежа X, предизвика големо внимание во јавноста и брзо се прошири на интернет, отворајќи дебата за условите во кои работат лицата ангажирани преку платформите за достава.

Авторот на објавата раскажува дека на 29 јануари 2022 година, поради тешка материјална состојба, започнал да работи како доставувач со велосипед. Ден претходно, заедно со дваесетина нови колеги, ја подигнал опремата која, како што наведува, им била наплатена.

„Не знаев од каде да почнам, па застанав пред влезот на Градската управа во Белград. Длабоко вдишав и ја вклучив апликацијата. Првата нарачка беше блиску и кога ми легнаа првите 180 динари си реков дека можеби и не е толку лошо“, пишува тој.

Сепак, според неговата објава, почетниот впечаток брзо се променил. Тој тврди дека доставувачите работат во неизвесни услови, со силна меѓусебна конкуренција и ограничена заработка, додека компаниите остваруваат значителни приходи.

Неговото ангажирање завршило само еден месец подоцна, по незгода при која паднал од велосипед на улица во белградската населба Палилула.

„Носев кацига и останав свесен. Ја известив поддршката дека сум паднал и дека нема да можам да ја доставам нарачката. Првото прашање што ми го поставија беше во каква состојба е храната. Тогаш сфатив дека сум потрошна роба која може да биде заменета со еден клик“, наведува тој.

Иако повикал Итна помош, како што тврди, не добил медицинска интервенција на лице место, па со такси заминал во Ургентен центар, каде му била констатирана повреда на главата, но без потешки последици.

Авторот додава дека не добил никаква отштета, бидејќи компанијата се прогласила за посредник, а не за негов работодавач.

И покрај негативното искуство, денес вели дека не жали за периодот поминат како доставувач.

„За тие 30 дена научив повеќе за животот отколку во многу години претходно. Секое искуство, па и ова, ме направи човекот што сум денес“, заклучува тој.

Објавата отвори поширока дискусија на социјалните мрежи за статусот и заштитата на работниците во т.н. „гиг-економија“, одговорноста на приватните компании, улогата на државата како и за предизвиците со кои се соочуваат доставувачите во секојдневната работа.