Викендов е Задушница - ден за молитва за починатите, во сабота е Свети Трифун

Православната црква претстојната сабота го слави св. Трифун како поим за младост и доследност кон христијанските традиции.

Православната црква неговиот ден го чествува на 1 февруари според јулијанскиот календар, т.е. на 14 февруари, според грегоријанскиот календар како ден на лозарите и градинарите, а тој се смета и како покровител на меанџиите.

Годинава, овој празник се поклопува со деновите за спомен на починатите - Задушница. Оваа Задушница секогаш се паѓа една недела пред Прочка - денот за простување, кој секогаш се паѓа во недела, по што започнува големиот велигднески пост. 

Свештено лице од МПЦ појаснува дека ќе има литургии низ православните храмови, но ќе се одбележува и Задушница на вечните почивалишта на упокоените. 

- Возљубени мои, ете доаѓа Задушница и се ближи свети Трифун. И како некоја традиција, повторно и повторно едни и исти недоразбирања. Човек учи додека е жив. Тоа што во сабота е свети Трифун, не значи дека свештениците нема да излезат на гробовите на нашите ближни и нема да се помолат за нив. Ќе излезат, и без разлика на сѐ ќе бидат таму заедно да се помолиме.

Тоа што во сабота е задушница не значи дека нема да има Божествена Литургија и нема да биде одбележан споменот на светиот Христов маченик Трифун. Ќе има, без разлика на сѐ и отците ќе бидат тука за да нѐ причестат со Телото и Крвта на Христа Бога.

Наше е кај и да сме, во Црква или на гробишта, да дојдеме, да се помолиме и да испросиме од Бога милост за нас и за нашите ближни, без разлика дали се живи или се упокоиле. Да не заборавиме, таму некаде некој го очекува нашето заедничко Господи помилуј! - појаснува свештеното лице.