Викенд настани во Скопје

Викендов времето ќе биде претежно сончево со локална облачност и топло време со дневна температура од 23 до 33 степени.

Доколку се уште не сте испланирале каде ќе го поминeте вашето слободно време еве неколку интересни настани кој се закажани викендов во Скопје:

Скопје Стрит Фестивал по петти пат во Градски Парк

Фестивал кој остава урбан печат - овој викенд, стартувајќи на 09- ти до 10-ти Јуни, петок со почеток во 17.00 часот, во Градски Парк, по петти пат, ќе се случи Скопје Стрит Фестивал.

Фестивалот е отворен, без карти, и оваа година вклучува пет стејџа: графити, стрит бол помеѓу познати скопски кафулиња, денс стејџ во поддршка на Битрикс, стрит форум заедно со МладиИнфо, музички стејџ и многубројни креативни работилници. Организатор на настанот е агенцијата за организирање настани, Подиум Македонија.

Организаторите најавуваат одлично, петто роденденско издание, со огромен број на креативни, забавни и едукативни концепти, врзани на една платформа која урбано го буди Скопје. Скопје Стрит Фестивал во изминатите пет години бил домаќин на повеќе од 200 артисти од Македонија, регионот, а и од светот и повеќе од десетици илјади посетители. Оваа година фестивалот има мото, #ОставиПечат и ги повикува сите граѓани кои сакаат да придонесат Скопје урбано да заживее, да бидат дел од настанот.

Годинава за првпат во рамките на Скопје Стрит Фестивал ќе се одржи и Стрит Форум, уникатен формат кој ќе има за цел да ги спои во едно урбаноста, солидарноста и уметноста. Форумот насловен „Мој град – мој печат“ ќе биде организиран во соработка со Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, а ќе се состои од три делови: „закуска“ – скопски урбани ликови како Пеце Суперхикс, Зорица Црношија, Ана Трпеска, Маја Казакова и Пеше (Греен Оут и Легијата) ќе ја раскажат својата приказна за печатот што го оставиле на Скопје; главна дискусија – графити уметниците, иницијативата „На точак“ и Здружението на студенти и младинци со хендикеп ќе зборуваат за уметноста и солидарноста во главниот град; и последно - работни групи каде што ќе се изработуваат препораки за едно поурбано Скопје. Супер форум со едноставен формат и неформални методи, каде што секој може да придонесе за Скопје да го направиме поубаво место за живеење.

Јога предизвик на отворено во Градски парк

На 10.јуни (сабота), со почеток во 9 часот, во рамките на Skopje Street Festival кој ќе се случува под отворено небо во Градскиот Парк на 9. и 10.Јуни, здружението „Уметност на живеење- Македонија“ организира и повикува на YogaChallenge и на едно масовно и креативно будење за супер урбана средина. 

Докажано е дека редовното практикување на јога го подобрува расположението и самодовербата. Оваа дисиплина е совршен избор за секого, а пак практикувањето на јога во природа ослободува од континуиран стрес и нездрави навики. „Полнењето на батериите“ е загарантирано со редовните утрински вежби.

Токму затоа оваа година Skopje Street Festival грижејќи се за здравите навики на луѓето подготви 5 подиуми: стрит бол, денс, графити, музички и едукативен, овозможувајќи дел од претпладневната програма да биде наменета за јога и капуера.

Yoga Challenge ќе се одржи од 9 до 11 часот во Градски парк Скопје -Школка, а  од 11 часот продолжува забава со капуера. На овој настан може да се приклучат сите љубители на јогата, почетници и искусни јогини. Потребна е само простирка за вежбање (јога мат), вода, пријателче и насмевка, велат организаторите.

YogaChallenge настанот е поддржан од повеќе јога друштва во Македонија.

Фестивал на нова музика „Здраво Млади“

Десет изведувачи од шест различни држави на две бини ќе настапат на седмото издание на фестивалот на нова музика „Здраво Млади“ што вечер ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.

На фестивалот ќе настапт англиските бендови „Slowdive“, „Kite Base“ и „The Underground Youth“, гараж-панк бендот „King Khan & The Shrines“ од Канада, како и финската транс-рок-фри џез K-X-P.

Програмата курирана од страна на селекторот на Dis-Patch фестивалот од Белград, Реља Бобиќ ја сочинуваат „Kreidler“ од Германија, „Тапан“, „WoO“ и 33.10.3402 од Србија и пост-пост комбо „Демек“ од Македонија.