
Скопјанец пред два дена сподели кратка видео објава на Фејсбук, реагирајќи на напаркирани возила на тротоарот на улицата „Матеја Матевски“ во Аеродром, како и на околната чистота, односно нечистота. Но вистинското прашање е, кај кого е одговорноста? Авторот на објавата, алудира дека во одговорноста за ваквиот призор е кај општинските и комуналните служби, додека други пак, коментираа дека одговорноста е кај граѓаните.
„Нема поубаво од утринска прошетка во Општина Аеродром. Секое утро, жителите на улица Матеја Матевски, имаат можност да уживаат во зеленилото, урбаните пешачки патеки и безбедните зони за движење. Почитувањето на највисоките европски стандарди за безбедност на пешаците, не случајно и го донесоа на оваа општина престижното признание "Прва општина со европско знаменце", a секојдневното присуство на терен на комуналните служби (како што може да се види од секојдневните објави на нивната фан страница) ги поместија неколку нивоа погоре очекувањата на граѓаните за тоа како треба да изгледа една еко-ориентирана општина“, гласи натписот над објавата на скопјанецот Марјан.
Во однос на непрописно паркираните возила, во коментарите имаше такви кои го оправдуваат овој начин, под изговор дека доколку имало каде културно да паркираат, граѓаните ќе паркирале таму. Вака само се „снаоѓале“. Но дали навистина ова е легитимен изговор?
Друг коментар пак имаше забелешка за тоа каде треба да се бара одговорноста за нечистотата и расфрланиот отпад.
„Зашто не фрлаат во полупразните контејнери, туку околу нив, што е крива тука општината и комуналното. Во движење од кола гаѓаат...ретко кој погаѓа во контејнер, другото е се надвор. После Ѓуро е крив...“, гласи коментарот на овој скопјанец.