Несекојдневна и потенцијално опасна средба со голема бела ајкула доживеал сурфер во близина на Осеано, на централниот брег на Калифорнија.

Photo by Reed Naliboff on Unsplash
Огромната морска предаторка се приближила до група сурфери, а во еден момент поминала непосредно зад даската на еден од нив и го испрскала со опашката.
Инцидентот се случил околу 10:30 часот наутро, во близина на авенијата Пир. Сцената била снимена со дрон од локалниот сурфер Дејвид Стајнер, кој редовно објавува снимки од ајкули на својот профил на Инстаграм.
Најблиската средба ја доживеал Џоел Хендрикс, кој сурфа веќе 35 години, но досега никогаш немал видено ајкула од толку близу.
Тој раскажал дека најпрво го забележал дронот како лета над водата и претпоставил дека во близина има некое морско животно. Набргу потоа, зад себе забележал сенка, а потоа и перка која излегла над површината.
Според неговата процена, ајкулата била долга меѓу четири и пет метри, значително поголема од неговата даска за сурфање. Животното ненадејно го сменило правецот, замавнало со опашката и го испрскало, по што продолжило да плива.
„Немав време да паничам или да се исплашам. Само си помислив дека повеќе не сакам да бидам таму“, раскажал Хендрикс.
Ајкулата потоа се оддалечила од групата сурфери и исчезнала во морската пена. Еден од сурферите за малку ќе поминел со даската преку неа, додека Хендрикс се свртел и се упатил кон брегот. За среќа, средбата завршила без повредени.
И покрај искуството, Хендрикс вели дека не се плаши повторно да влезе во морето. Според него, ајкулите се дел од природната средина во која луѓето се само гости, а нивното присуство не значи дека нужно претставуваат опасност за луѓето.
Снимката од дронот го прикажува движењето на огромната ајкула во непосредна близина на сурферите и покажува колку тешко може да се забележи нејзиното присуство од самата површина на водата.