Видео од запленетите над 320 килограми марихуана во заедничката акција на Македонија, Косово и Грција

Министерството за внатрешни работи информираше дека со повеќемесечна истрага, било дојдено до сузбивање на меѓународна криминална група за транспорт на марихуана.

Како што посочуваат од МВР, преку Одделот за криминалистичка полиција, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и во рамки на меѓународната соработка со надлежните служби од Косово и Грција, спровеле повеќемесечна истрага за организирана криминална група инволвирана во меѓународен транспорт на наркотична дрога.

Имено, на 14.08.2026 година во Солун беа лишени од слобода македонски и косовски државјанин, при што беа запленети 324 килограми и 474 грама марихуана, сокриени во товар со рециклирана пресувана хартија.

Во рамки на истрагата, МВР информираше дека ги презело и неопходните активности на територијата на Македонија, при што Одделот за криминалистичка полиција, во координација со јавен обвинител, извршил претреси на повеќе локации со цел обезбедување материјални докази и целосно документирање на криминалната активност.

Оттаму посочија дека при претресите, биле одземени мобилни телефони и документација, кои се предмет на дополнително вештачење и анализа.

По спроведената истрага, МВР до надлежното обвинителство поднело кривична пријава против едно лице, македонски државјанин.