Општинските служби во Карпош петти ден продолжуваат со расчистување на јавните површини и отстранување на последиците од силното невреме, информираат од Општина Карпош.

Оттаму посочуваат дека екипите секојдневно работат на терен, често и во ризични услови, со цел што побрзо да се нормализира состојбата во општината.
„Работиме посветено на терен и во служба на граѓаните“, порача градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, во видеообраќање од една од локациите каде што се расчистуваат последиците.
Тој упати благодарност до вработените во општинските служби и до градежната компанија вклучена во активностите, истакнувајќи дека пожртвувано и неуморно работат на расчистување на јавните простори.

Лукровски изрази жалење што, како што рече, дел од политичките партии се обиделе невремето да го искористат за евтини политички трикови. Воедно, им се заблагодари на граѓаните за трпението, разбирањето и соработката во изминатите денови.
Од Општина Карпош најавуваат дека активностите на терен ќе продолжат сè до целосно отстранување на последиците и нормализирање на состојбата.