
Драматична полициска акција синоќа се одвивала во центарот на Скопје, откако 22-годишен државјанин на Холандија бил пријавен за агресивно однесување и наводно носење пиштол.
Според информациите од МВР, лицето со иницијали С.С.С. било приведено околу 23:40 часот од полициски службеници од СВР Скопје, по претходна пријава дека на подрачјето на Центар го нарушувало јавниот ред и мир.
Како што пренесуваат информациите, младиот Холанѓанец пред апсењето бил во угостителски локал во близина на Градежниот факултет, каде агресивно се однесувал кон персоналот и гостите. Дел од присутните забележале дека на појасот носел пиштол, по што сопственикот на локалот ја повикал полицијата.
Кога полициските екипи пристигнале на местото, осомничениот пружил отпор и се обидел да избега кон Градежниот факултет, но по кратка потера бил совладан и приведен.
На социјалната мрежа X беше објавено и видео од апсењето, кое брзо почна да се споделува и по медиумите. На снимката се гледа како десетина полицајци го совладуваат осомничениот, додека му извикуваат наредби да легне на земја.
Телевизија „Сител“ објави дека за време на потерата полицајците пукале во воздух, но ваквата информација засега не е потврдена во официјалното соопштение на МВР.
Од полицијата информираат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
„На 13.05.2026 година во 23:40 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го привеле 22-годишниот С.С.С. од Кралството Холандија. Тој бил приведен по претходна пријава дека околу 23:35 часот на подрачјето на Центар се однесувал непристојно и го нарушил јавниот ред и мир. Дополнително, во пријавата било наведено дека лицето наводно носело пиштол“, соопшти МВР.
Според полицијата, при интервенцијата оружје не било пронајдено.