Ви го откриваме најдобриот рецепт за домашно трилече

Ретко кој не слушнал и кој не го пробал овој сочен и превкусен десерт! Има повеќе локали каде може да пробате, но често желбата да се проба истиот вкус дома е неодолива, па повелете еден испробан рецепт за домашно трилече.

Состојки:

За пандишпан:

  • 6 јајца
  • 300 гр шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 300 гр брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво.

За прелив од млеко:

  • 1 л млеко (3.5% масленост)
  • 750 мл слатка павлака (нематена хопла)
  • 250 мл млеко за кафе (10% масленост).

За премачкување:

  • по желба може готов карамел крем.

Подготовка:

  1. Одделете ги белките од жолчките. Потоа, белките заедно со шеќерот, изматете ги цврсто како шлаг и додавајте ги жолчките една по една, а при тоа не престанувајте со матењето додека убаво се соедини смесата.
  2. Додадете го брашното заедно со прашокот за печиво и измешајте со голема лажица или со жица.
  3. Смесата турете ја во претходно намрсен со путер и набрашнет плех (35х20х6см).
  4. Ставете го да се пече околу 10 минути во загреана рерна на 200 степени, па намалете ја температурата на 180 и печете уште 20 минути.
  5. Печениот пандишпан оставете го да се лади (но не премногу, треба да биде млак), а во меѓувреме измешајте ги сите видови на млеко.
  6. Млакиот пандишпан превртете го врз крпа и во плехот ставете половина од измешаното млеко. Во него, така превртен ставете го пандишпанот и потоа дотурете го останатото млеко.
  7. Пандишпанот оставете го околу 2 часа за да впие од млекото, па исечете го на коцки, покријте го со фолија и ставете го во фрижидер неколку часа за добро да се разлади.
  8. Пред сервирање секоја коцка мачкајте ја со готов карамел.

На здравје!