По кобната сообраќајка која утрово се случи на патот Прилеп-Битола во која загинаа тројца медицински лица од битолската болница „Плодност“, се покрена прашањето за безбедноста на македонските патишта.
За ова свој осврт сподели новинарката Катарина Синадиновска која вели дека македонските патишта се исклучително опасни.
- Не знам дали некој планира овој проблем да го отвори на ниво на кое заслужува да биде отворен, но, секое возење низ Македонија, е ставање на глава во торба. На жими оние два-три вистински автопати што ги имаме и се полупристојни, честопати се движат и луѓе и животни, па дури и кога условите се горе-долу солидни, имате опасност што не е замислива за автопат, вели таа во својата фејсбук објава.
- Другите патишта се општа катастрофа и се под секое безбедносно ниво, па возење по нив е сериозен ризик пред се.
Притоа, на многу делници вие треба и да платите што си го ризикувате животот, пари што од време на време ќе ни текне да се прашаме каде одат, кога ќе чуеме кој сѐ и како раководи со тие уништени државни претпријатија и институции.
Генерално, ако има нешто што мора да биде приоритет - тоа овде е патната инфраструктура и на ова не може да се сеќаваме само кога ќе има некаква катастрофална незгода.
Точно, сѐ уште не ги знаеме причините за несреќата утрово, каде загинаа извонредни лекари, но ова се поенти кои важат и без тоа.
Нема да навлегувам во статистика за Западен Балкан, но ќе кажам дека во ЕУ, според сите истражувања најбезбедни патишта и најмалку жртви има во Шведска и Данска. Најмногу во Романија и Бугарија.
Па, верувајте вие и натаму дека така било пишано, дека развојот нема врска и дека ние сме немоќни да влијаеме како општества за зголемена безбедност, наведува Синадиновска во својата објава.