Бидете радосни и кога не сте среќни! - порачува нашиот познат нашиот познат писател и професор Венко Андоновски.
Тој испрати убава порака на својот фејсбук профил во пресрет на годината која започна!
Прочитајте ги зборовите кои ги напиша Андоновски!
- Минаа сите празници, и световни и верски. Си честитавме. Најупотребувани зборови беа: здравје, среќа и радост.
Јас правам разлика меѓу среќа и радост. За повеќето од нас среќата е поважна зашто наводно е потрајна, а радоста е краткотрајно чувство, на пример: „Се израдував на твоето писмо“. Среќата, напротив, е замислена како потрајна животна состојба: „Јас сум среќен човек, имам семејство, стан и работа, и внуци чекам“. Но токму спротивното е точно: радоста (за оној кој ќе успее да ја постигне) е трајна, а среќата минлива. Радоста зависи од тебе, среќата од светот и неговите случајности или „местенки“. Среќата доаѓа однадвор и сврзана е со задоволени страсти и потреби. А радоста доаѓа одвнатре, од душата. Таа е задоволство од сопствената сушност, од чувството дека и малку ми е доволно.
Однадвор ни доаѓаат: убави жени/мажи, награди, пари, автомобили, општествени функции... кои нè прават среќни ако ги добиеме и несреќни ако не ги добиеме. Затоа, за мене среќата е малограѓанска категорија: на среќникот му е важно што мислат другите за него и дали општеството доволно го цени (му дава). Наместо да погледне во себе и да се праша: што ме прави „трајно среќен“, односно – радосен? Што можам самиот да си дадам? Среќата секогаш бара уште, радоста се радува и кога не добива ништо, зашто знае дека поголема добивка од „копнежот по отсутното“ – нема. Бар за писателот и читателот.
Мене радосен ме прават пишувањето и читањето. Затоа, бидете ми радосни, секој на свој начин, и оваа година, драги мои. И да не сте баш најсреќни, бидете радосни!
На следниов ЛИНК може да го прочитате интервјуто со Андоновски за Скопје Инфо, реализирано на почетокот на минатата година.