Велосипед не може да влезе во македонските возови

И покрај тоа што беа набавени како нови, со кинеските возови нема можност да се врши превоз на велосипеди. Македонија е една од ретките европски земји во која не постои одвоен простор наменет за велосипеди во вагоните, пишува Мета.

Во новите моторни гарнитури е невозможно да се внесе велосипед, а притоа да не се блокира некоја од вратите или коридорот за минување на патници во вагонот. Од граѓанската иницијатива „На Точак“ во неколку наврати веќе укажаа за проблемите со кои се соочуваат велосипедистите при патувањето со воз во земјава.

Неколку групни возења на велосипеди во рамките на „Критична маса“ во изминативе години беа посветени на неможноста граѓаните да појдат со својот велосипед до некој друг град или излетничко место.

„Актуелните меѓуградски возови немаат простор за повеќе од 2 велосипеди и постои забрана од Македонски железници за транспорт на истите“, наведоа од иницијативата „На Точак“ во патеписот по експериментот со кој велосипедистите, Градот Скопје и Македонски железници ланскиот септември пробаа да ја тестираат идејата за воведување на градска железница во Скопје.

Од Македонски железници – Транспорт за „Мета“ велат дека во кинеските возови не е предвиден простор за транспорт на велосипеди.

– При набавка на нови превозни средства, во тендерската документација, оваа клаузула ќе биде вметната – велат од МЖ – Транспорт.

Сепак, нејасно е што ќе се случува дотогаш во оние случаи кога патниците сакаат да патуваат со својот велосипед.

На патничките возови меѓу Скопје и Битола сообраќаат исклучиво новите кинески гарнитури, а со подновениот возен парк се покриваат и најголем дел од релациите кон Гевгелија, Кочани, Кичево, Велес и Куманово.

За разлика од Македонија, во европските земји постои посебен оддел за сместување на велосипеди во возовите, а на линиите од градско – приградската железница има простор наменет за овие превозни средства во секој одделен вагон.