Велигденски обичаи: што задолжително се прави утре и која е улогата на домаќинот

Велигден, најголемиот христијански празник, освен духовното значење, со себе носи и богата традиција и обичаи што се негуваат со генерации. Денот на Христовото воскресение симболизира победа над смртта и нов почеток, а празнувањето започнува со утринската богослужба во храмовите.

По завршувањето на службата, верниците меѓусебно се поздравуваат со традиционалниот поздрав „Христос воскресе!“ и „Навистина воскресе!“, кој се користи сè до Спасовден. По враќањето дома, обичај е сите членови на семејството да се поздрават и да се прегрнат, продолжувајќи ја празничната атмосфера.

Според традицијата, домаќинот има посебна улога. Тој ја пали свеќата, ја зема кадилницата и со темјан ги покадува присутните, по што се кади и целиот дом. Овој чин симболизира благослов, заштита и духовно прочистување на домот. Потоа следи заедничка молитва, по која семејството седнува на свечено подготвената трпеза.

Централно место на велигденската трпеза имаат бојадисаните јајца, кои симболизираат нов живот и обновување. Домаќинот прв зема јајце, а потоа и останатите членови на семејството, по што започнува традиционалното „чукање“ со јајца. При тоа повторно се изговара празничниот поздрав, а најцврстото јајце се смета за победничко, што особено ги радува најмладите.

Според обичајот, на Велигден најпрво се јаде варено јајце, а потоа и останатата храна. Доколку во домот дојде гостин, најпрво се дарува со велигденско јајце, како симбол на добредојде и радост.

Во некои краеви, зачуван е и обичајот бојадисаните јајца да се носат на гробовите на починатите, како симболично споделување на велигденската радост и верата во вечниот живот.

Велигден останува празник што ги обединува семејствата, традициите и верата, потсетувајќи на значењето на заедништвото, надежта и обновата.