Вечерва во Домот на АРМ концерт на „Танец“

Во рамки на 45. издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“ вечер во Домот на АРМ концерт ќе одржи Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.

Програмата на концертот е конципирана врз фрагменти, односно избор од автентични фолклорни творби врз кои се темелат познатите кореографии на ансамблот. Опфатени се карактеристични напеви и ора од различни делови на земјата, кои имаат за цел да го претстават раскошот на македонските играорни и мелопоетски дијалекти кои егзистираат на наше тло, а кои низ овие седум децении се вешто вградувани во репертоарот на „Танец“.

Низ овој концертен циклус публиката ќе може да ги препознае изворните бисери кои со години ги слушала во рамките на антологиските кореографии на „Танец“. Тоа се ората Адана, Тоска, Петрунино, Глувонемо, Трченица, Ситна Лиса, како и оние фолклорни добра кои нѐ мапираа на светската карта на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, нашето пијанечкото оро Копачка и типичното машко двогласно пеење од Долни Полог.

Ова концертно потсетување на најстарите слоеви од македонскиот музички и музичко-сценски фолклор ќе биде изведено од соодветена традиционална изведувачка формација, составена од врвните играорци и музичари на македонски изворни инструменти од редот на вработените во НУ „Танец“.

„Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во земјава, формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти и преку соодветен уметнички израз, сценски да го поставува и претставува она што е највредно од богатата ризница на македонскиот народ.  „Танец“ ја шири низ светот убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и секаде низ Европа. Во текот на своите 73 години постоење, „Танец“ има учествувано на повеќе од 5.000 концерти и фестивали, пред преполните концертни сали во: Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто, Аделаида, Мелбурн и други градови. 

Ансамблот поседува уникатна збирка на повеќе од 2.000 оригинални традиционални носии. Репертоарот се состои од повеќе од деведесет кореографии и неколку стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува богатите разновидни регионални музички и кореографски традиции и стилови на богатиот македонски фолклор. Ансамблот брои 40 игроорци, 20 пејачи и 20 инструменталисти, кои во зависност од потребите настапуваат во различни комбинаиции.

„Танец“ има добиено многу награди и признанија, како Гран при на Интернационалниот фестивал во Ланголен, Велика Британија и државните награди „11 Октомври“, „13 Ноември“ „Св. Климент Охридски“ и „Орден за заслуги за Македонија“.

Годинашното издание на „Деновите на македонска музика“ ќе трае до 30 април, а опфаќа 16 концерти и пет дополнителни настани, музички средби и трибина.