Вечерва голема полициска акција во Скопје и Струмица поврзана со дрога

Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), презема мерки и активности на повеќе локации во Скопје и Струмица во врска со сомнежи за опојна дрога, информираа од МВР.

Од Министерството најавија дека повеќе информации ќе бидат соопштени по завршувањето на акцијата, додека Јавното обвинителство веќе има оформено предмет за случајот. Надлежните посочуваат дека се спроведуваат оперативно-технички мерки согласно полициските овластувања.

Според информациите што претходно ги објавија дел од порталите, вечерва е во тек засилено полициско присуство на повеќе објекти во Струмица и струмичкиот регион. Истовремено, објект во поранешниот индустриски комплекс „Охис“ во Скопје е под контрола на надлежните служби.

Неофицијално, во акцијата се вклучени повеќе институции, меѓу кои полицијата, царината, здравствените служби и обвинителството, а таа наводно е насочена кон мрежа на т.н. „легални“ производители на канабис.

Акцијата доаѓа откако минатата недела српската полиција заплени околу пет тони марихуана во близина на Крушевац, за која беше соопштено дека била транспортирана од Македонија. Од Обвинителството за организиран криминал во Србија информираа дека уапсените лица се осомничени како членови на организирана криминална група.