Вечерва бесплатна изведба на „Само глас“ во Македонскиот народен театар

Македонскиот народен театар соопшти дека по повод Светскиот ден на театарот - 27 Март публиката ќе има можност бесплатно да ја гледа претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак.

Во претставата играат првенците на МНТ - Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Дејан Битровски.
Пред почетокот на изведбата ќе бидат прочитани светската и националната порака по повод Светскиот ден на театарот - автор на светската порака е египетска актерка Самиха Ајуб, а автор на македонската порака годинава е  Теута Ајдини-Јегени. 

МНТ информира дека билетите за бесплатната изведба на претставата „Само глас“ треба да се подигнат  од 14 часот на билетарницата на МНТ.