Вчеравечер беше промовиран  „Човек - лав стори“ - љубовна приказна од времето кога скопјани дишеа со полна плуќа

Вчеравечер во Кинотеката на Македонија, со почеток во 20 часот, премиерно беше прикажан третиот краток филм за старо Скопје со наслов „Човек - лав стори“,  во режија на Катерина Габунија. 

Третиот филм е всушност продолжение на првите два дела - „Тајните архиви на Скопје“ и „Раѓањето на градот“  за чија реализација скопјани несебично ја помагаат со сопствени снимки од приватните архиви.

-Во најмала рака генијално изведен филм, собрани снимки на 8мм ленти од рандом скопјани кои ги имале по дома, и Катерина успеа сето тоа да го направи во една совршена приказна која има смисла! Не снимки од МТВ и продукциски куќи, снимки од животот на обичните граѓани така како што се живеел во едно убаво време. Сега кога живееме во новото (не)нормално и се' ни е ново и непознато затоа што е неприродно, Катерина успеа да состави една љубовна приказна од времето кога скопјани дишеа со полна плуќа. Кога Скопје имаше сеуште небо на секоја страна. Зелените излетнички места околу Скопје, родендените со домашна торта, дочек на Нова Година со жижици. Една младост, лудост, страст, другарување... Слобода! Слободата која сега само на филм можеме да ја видиме за жал, сконцентрирани на пандемија, за/против вакцини и секакви неволји кои не снајдоа, вели во својот осврт за филмот Елена Макаловска Јовевска.