Ако утре патувате на Халкидики, важно е да знаете за новите ограничувања поради зголемениот ризик од пожари.
Photo by STEFANOS KERAMARIS on Unsplash
По големиот пожар што денеска избувна во Сивири, грчките власти воведуваат привремена забрана за движење на пешаци и возила во одредени шумски подрачја на Халкидики.
Од петок, 14 август, ограничувањата ќе важат во делови од Касандра и Ситонија, од 8 до 20 часот. Во Аристотелис, каде што ризикот од пожари е оценет како многу висок, мерката ќе биде во сила до 8 часот во сабота.
Ограничувањата опфаќаат делови од Касандра и Ситонија, како и подрачјата меѓу Комица и Уранополис и во близина на Стратони.
Пристапите кон шумските патишта ќе ги контролира полицијата. На лицата кои ќе бидат затекнати во забранетите подрачја може да им биде наложено да ги напуштат, а за непочитување на мерките е предвидена глоба од 300 евра. Исклучок се волонтерите ангажирани во активности за превенција и гаснење пожари.
За оние кои веќе се на Халкидики, но и за македонските туристи кои планираат да патуваат во следните денови, најважно е да се следат официјалните известувања и да се почитуваат евентуалните наредби за евакуација.