
Патиштата низ Грција и граничните премини кон соседните земји ќе бидат проодни во следните три дена. Грчките земјоделци одлучија да ги прекинат блокадите до петок, со цел да се олесни патувањето на граѓаните за новогодишните празници, јавува дописничката на МИА од Атина.
Граничниот премин Евзони, кој во изминатите четири дена беше под неколкучасовни блокади, од денес, па до петок ќе остане целосно отворен. Иако тракторите и понатаму се паркирани во близина на границата, тие нема да го попречуваат сообраќајот.
И покрај привременото олеснување на сообраќајот, земјоделците не се повлекуваат. Тракторите остануваат распоредени во една коловозна лента низ целата земја.
Одлуката за тоа како ќе продолжат протестите ќе биде донесена по празниците.
За недела напладне, кај патарината Малгара во близина на Солун, е закажан голем состанок на претставници од сите блокови ширум Грција.